Отчет за сработеното во изминатите четири години поднесе денеска кавадаречкиот градоначалник Александар Панов. Тој рече дека е реализиран висок процент на проекти. Нагласи дека Кавадарци е град со најниска стапка на невработеност.
– Локалната самоуправа, јавните институции и претпријатија се со ниска задолженост и без проблеми ги извршуваат своите надлежности. Кавадарци е град кој е еден од најпосакуваните за живот во Република Македонија, изјави градоначалникот.
Панов информираше дека се реализирани стотина проекти кои во значителна мера го имаат подобрено квалитетот на животот на жителите во општината.
Се осврна на решениот проблем со водоснабдувањето, проект реализиран од локалната самоуправа со помош на Владата. Ги спомена и доградбата на кејот на реката Луда Мара, реконструкцијата на три моста, изградбата на концертна сала на основното музичко и балетско училиште, новата градинка, инвестиции во градинки и училишта, изградбата на НВО и бизнис центар, Музеј на вкусовите, почеток на изградбата на брзиот пат Дреново-Фариш и многу други комунални и инфраструктурни проекти кои беа реализирани во градот и селата.
Панов се задржа и на други проекти кои се однесуваат на здравството, социјалата и други сфери од животот.