Мислам дека ова е крајно потценување на интелигенцијата на сите пратеници независно од која пратеничка група и на апсолутно сите граѓани на Македонија, ова го истакна пратеникот Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ во врска со носењето на законот за употреба на јазиците.

Во Собранието на Република Македонија постои комисија за политички систем која има претседател, 14 членови и нивни заменици, а во таа комисија стои следново: Комисијата ги разгледува прашањата кои се однесуваат на правото на употреба на јазиците и писмата на јазиците и ова е закон кој наместо оваа комисија да одлучува за овој закон, законот се носи преку Комисијата за европски прашања, а сето тоа е за да нема дебата, бидејќи во Комисијата за европски прашања е ограничена, истакна Данев.

Тој потенцираше дека завршила желбата за дебата и спротиставување на аргументи и тези за кои што молеше СДСМ кога беше опозиција и кога го бараше гласот на граѓаните на Република Македонија.

Почитувана Кузмановска овој закон и сама знаете дека ниту ќе ги зближи граѓаните, ниту ќе влијае за подобар живот на граѓаните, овој закон се носи со единствена цел да не се одлепи оваа „селотејп коалиција“ и со една и единствена цел за да граѓаните на Чаир, Гостивар, Тетово и Скопје имаат еден и единствен кандидат од владејачката коалиција и ДУИ и на СДСМ Петре Шилегов на само 25 дена пред изборите, рече Данев.