Петмина од седумте кандидати за градоначалници на општина Гостивар, поразговараа и пренесоа пораки на неформална средба во популарната гостиварска слаткарница „Корзо“. Пиењето на заедничко кафе на политичките противници го организираа локалните новинари.
На поканите за средбата која помина во пријателски тон и расположение се одѕваа кандидатот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) – Невзат Бејта, Демократската партија на Албанците (ДПА) -Себајдин Изаири, Движење БЕСА – Асаф Адеми, Алијанса за албанците – Арбен Таравари, коалицијата предводена од ВМРО- Дафина Стојаноска. На средбата не дојдоа кандидатите на Коалицијата НДП-Унитети – Шпат Исеини, и Социјалдемократска партија на Македонија (СДПМ) – Ленка Јованоска.
Во кусите обраќања, сите ја поздравија иницијативата и искажаа желба, по завршувањето на изборите повторно да се видат и да му честитаат на победникот.
– Заврши времето кога на граѓаните пред избори и за избори им се закануваа и ги понижуваа. Тоа е минато. Ние со оваа средба покажуваме дека борбата треба да биде со програми. Изборите ќе завршат, а животот ќе продолжи. Исто како што ние тоа ќе го направиме со кафе по изборите, така и граѓаните треба да направат по изборите, изјави кандидатот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари.
Асаф Адеми од движењето БЕСА ја нагласи потребата од фер избори.- Неопходно е волјата на граѓаните да биде искажана на демократски начин, а со вака подадена рака, сметам дека тоа ќе се пренесе и на граѓаните. Јас лично немам ништо против моите против кандидати и имам виско мислење за нив како професионалци. Тој став ќе го задржам и за време на кампањата, бидејќи ние сите сме сограѓани и треба да живееме во ист град.
Дафина Стојаноска од коалицијата која ја предводи ВМРО ДПМНЕ ова е доказ за соживотот во гостиварската општина.
– Оваа иницијатива е за поздравување и нашето присуство упатува на заклучок дека Гостивар како мултиетничка средина се разликува од другите по својата срдечност кон сите кои доаѓаат во неа. Тука сме петмина кои на Гостивар сакаат да му понудат подобро утре за сите сограѓани. Се надевам дека оној што како победник ќе влезе во општина Гостивар, ќе не покани на ваква средба, што ќе биде симбол на заедништвото на овој град.
Невзат Бејта кандидатот на ДУИ во обраќањето рече дека на средбата на своите против кандидати им подарил и по една мапа на општината на која се испишани сите инвестиции кои се изработени во минатиот мандат за да бидат информирани. – Јас, рече, верувам дека граѓаните ќе го направат вистинскиот избор и ќе ни кажат кој е најспособниот меѓу нас.
Новинарите кои ја иницираа средбата, не добија одоговри за недоаѓањето на кандидатот на Коалицијата НДП-Унитети – Шпат Исеини, а со Ленка Јованоска од СДПМ не успеале да стапат во контакт.