За разлика од Ивица Коневски, кој имаше 8 години да го реализира ветеното, а не го стори тоа, јас и мојот тим искрено ќе направиме сè што пишува во програмата, изјави Златко Марин, кандидат за градоначалник од СДСМ на општина Аеродром.

„20 години сум во политиката на локално ниво сè со една цел – да го подобрам Аеродром како место за живеење. Имаме конкретен план како да го подобриме квалитетот на живот во општина Аеродром. Во соработка со централната власт ќе градиме плански и во интерес на граѓаните. Силно ќе се фокусираме да го исчистиме воздухот, општината ќе биде вистински сервис, а парите од буџетот ќе ги насочиме назад кон граѓаните“, рече Марин.

Тој додаде дека од 15 октомври општина Аеродром ќе биде отворена за сите.

„Следејќи ги потребите на локалните жители, направивме вистинска граѓанска програма во која има мерки за контролирање на градежниот хаос и сообраќајниот метреж, ќе направиме ревизија на постоечките ДУП-ови, ќе спроведеме гасификација до деловните објекти и топлификација до индивидуалните домувања, ќе овозможиме субвенции за еколошки огрев. Во програмата се предвидени две нови градинки и едно средно училиште“, рече Марин на прес-конференција пред ТЦ „Бисер“ каде официјално ја започна изборната кампања.