Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на партискиот собир што се одржа вечерва во Гази Баба ја поздрави одлуката за заедничка листа на албанските партии кои се натпреваруваат за локалната власт, имајќи предвид, како што рече, дека обединувањето на силите е голем чин.

– За некој тоа можеби е мал чекор, но користа е огромна за самите Албанци во општина Гази Баба. Колку сме пообединети, толку сме покорисни, поважни и посилни, рече Ахмети, најавувајќи ја својата лична заложба таму каде што Албанците се помалку бројни од Охрид па до Куманово, тие да ги здружат силите со цел капитализација на својот глас.

Резултатот од овој ангажман, рече тој, се договорите во Гази Баба, Битола и Охрид.

– Ние не се закануваме ниту пак ризикуваме некого во овие населби, иако многумина ова соединување го сметат за опасност кон другите. Ова не е точно. Целта е Албанците во овие простори, каде се малцинство да се грижат сами за менаџирање на програмата, за договорите што ги прават со другите партии или со градоначалникот што ќе управува идните четири години со овие општини, рече Ахмети и нагласи дека албанските советници ќе можат тоа да го докажат.

За соработката со СДСМ, лидерот на ДУИ повтори дека подршката ќе биде обострана во тие општини каде еден од партнерите нема шанси за победа. За градоначалник на Скопје, Ахмети повика да се гласа кандидатот на СДСМ, а исто така рече дека и СДСМ ќе ги подржи кандидатите на ДУИ во градовите со албанско мнозинство.

– Ова ќе придонесе за зајакнување на власта и ќе биде во полза за сите граѓани, рече Ахмети.

Претседателот на ДУИ увери дека советниците кои ќе бидат избрани, но и оваа општина, ќе уживат безрезервна поддршка од Владата, Собранието и раководните органи на партијата.