Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска на митингот во Македонски Брод истакна дека вработеноста во таа општина се зголемила за 66 проценти. Тој појасни дека бројот на вработени лица во Македонски Брод од околу 1.000 во 2006. година, се зголемил на 1.660.

Се оформи нова локална индустриска зона и веќе постоечката технолошко-индустриската развојна зона и се донесоа нови странски инвестиции. Фабриката „Key Safety Systems“ инвестираше во овој регион по наша заложба, по наша борба, по наше убедување. Нудење на најдобри можни услови за да дојдат тука и да отворат нови работни места за овој крај, за луѓето да најдат работа, подвлече Груевски.

Потенцира дека во моментот фабриката вработува над 1.350 луѓе, како и оти компанијата планира проширување.

-Се изградија патните правци Вардариште до Долно Круше, патот за Зркле, патот за Требовлје, од Самаков до Ковач, патот за Могилец, патот за Злечен, од Загрт до Волчин. И доизградени се од Сватино до Крушје и патот за Калугерец. Вкупната должина на овие патишта е 25 километри. Инвестирано е во пробивање, тампонирање и асфалтирање на 23 други улици во Македонски Брод, во Самаков, во Требино, во Здуње, Долна Белица и Близанско. Се изградија пет мини мостови и два се реконструираа. Се изгради нов градски пазар за жителите на Македонски Брод и очекувам за брзо да биде пуштен во употреба, истакна Груевски.

Нагласи дека жителите од Латово се поврзаа на регионалниот водовод Студенчица и оти се изградил водоводот Загрешница.

-За најмладите, за љубителите на спорт и сите жители на општината Македонски Брод се изградија тениско игралиште во Македонски Брод, мултифункционално игралиште во Самаков и игралиште за мал фудбал во Суводол. Се изградија спортски сали во основното училиште и во гимназијата во Македонски Брод, се изгради и фудбалски стадион, исто така, во Македонски Брод. Се инвестираше во развој на туризмоти промоција на убавините на општината. Се уредија патеките кон пештерите и се инвестираше во уредување на самите пештери Голубарница, Лапирница и Момичек, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Додаде дека уреден бил и локалитетот Пешта, но и оти била давана континуирана поддршка на локалните фестивали и манифестации.

-Се овозможија легализација на бесправно изградените објекти на територијата на цела Македонија по едно евро за метар квадратен. Овозможивме откуп на земјиштето под објект и дворното место за едно евро по метар квадратен. Сега граѓаните имаат имотни листови за својот имот и во голем дел веќе си ги реализираа легализациите за да станат свои на своето, посочи Груевски.