Партиите, коалициите и независните кандидати и денеска на митинзи и средби со граѓани во повеќе градови и населени места, ги претставуваат изборните програми за локалните избори закажани за 15 октомври годинава.

Коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ ќе одржи средба со граѓани во Чучер Сандево и митинзи во Шуто Оризари, Бутел и во Ѓорче Петров.

Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има средби со граѓани во Могила и Новаци и митинзи во Ресен и во Битола.

Движењето Беса, пак, најави собир со жители во Боговиње.

Кампањата за првиот изборен круг почна на 25 септември, а ќе заврши на 13 октомври во 24 часот.

Шестите локални избори во Македонија се закажани за 15 октомври, а ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Право на глас ќе имаат 1.814.644 граѓани запишани во Избирачкиот список.

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27 октомври во 24 часот.