Економскиот развој, образованието, спортот и развој на здравствената нега за жителите на Кривогаштани, унапредување на условите за работа на земјоделците, решавањето на инфраструктурни проблеми како и инвестирање во патната, канализациона и водоводна мрежа се приоритет за актуелниот и кандидатот за градоначалник на оваа општина. За реализираните проекти, идните планови и проектите кои ќе бидат во фокус за реализација во наредните четири години, разговараме со Тони Заткоски.

Макпресс: Економскиот развој и отварањето на нови работни места се најважни елементи за успешно функционирање на една општина и за бенефит на граѓаните. Во досегашниот мандат реализиравте голем број на проекти во таа насока, а круна на Вашата работа се индустриските зони во Кривогаштани кои овозможија зголемени приходи на општинскиот буџет, проширување на пазарот и зголемен ангажман на приватниот сектор и најважно од се, зголемена понуда за нови работни места за жителите на оваа општина. Кои се вашите планови за дополнително унапредување на локалниот економски развој?

Сосема сте во право. Најпрво ќе следи проширување на постоечката индустриска зона Славеј, ќе биде проширена со седум нови хектари каде ќе бидат оформени парцели, на кои ќе бидат изградени нови индустриски капацитети кои ќе генерираат вработувања. Исто така продолжува втората фаза на проектот за изградба на зелениот пазар од кој, првата фаза завршува на крајот од овој месец Октомври, и вкупната планирана вредност е 3,500,000 денари. Се планира изградба на индустриска зона во Боротино, која ќе биде изградена на место викано „рудина“ и ќе опфати 20 хектари на кое место ќе бидат изградени капацитети од лесна и незагадувачка индустрија, како и капацитети за производство на електрична енергија од алтернативни извори. Вкупната планирана вредност на проектот е 200.000 денари, а исто така се планира и проширување на индустриската зона во славеј, односно формирање на нова зона по патот на Славеј – Заполжани и тоа на површина од 5 хектари. Од областа на локалниот економски развој планираме отворање на шалтер од управата на јавни приходи со што ќе се олесни пристапот на граѓаните до оваа институција.

Макпресс: Со процесот на децентрализација, општините добија поголеми ингеренции во однос на одлучување, инвестирање и раководење со образовните институции на нивните територии. Што досега е сработено на ова поле и која е вашата визија за идниот развој на образованието и науката во вашата општина?

Изминатиов период големо внимание посветивме на нашите најмлади во општината каде за прв пат направивме градинка и дневен центар и целосно реновирање на нашите училишта. Наредниов период планираме, доградба на подрачното училиште во Врбјани, изградба на спортска сала во основното училиште Јонче Смугрески во населеното место Обршани, со што ќе се поттикне правилниот психо-физички развој и спортскиот и натпреварувачкиот дух кај младите. Исто така планираме и промена на кровната конструкција и изградба на енергетски ефикасна фасада на училишните згради во населеното место Бела Црква во населеното место Крушеани и во населеното место Боротино. Покрај ова, со средства на општината и со средства кои ќе ги обезбедиме преку програмата за прекугранична соработка финансирана од Европските фондови кои ни стојат на располагање, ќе инсталираме модерни котели на брикети во ООУ Јонче Смугрески во село Обршани, со што директно ќе допринесеме кон намалување на трошоците за греење и намалување на емисијата на стаклени гасови. Овој проект е со вкупна вредност од 1.000.000 денари а крајната цел е бенефит на среден и долг и за општинскиот буџет и за младите кои своето образование ќе го завршат на територијата на општина Кривогаштани. Исто така сакам да напоменам дека во изминативе осум години, јас лично како градоначалник се заложив напредните (сите) студенти на територијата на општина Кривогаштани кои ќе се решат да студираат на техничките струки да бидат стипендирани со финансиски средства обезбедени од општинскиот буџет, проект на кој сум особено горд и кој ќе продолжи во иднина, се со цел, нашата општина да продуцира што поголем број на високо образовани кадри кои ќе бидат компетентни на пазарот на трудот.

Макпресс: Кога сме кај образованието и младите, неминовно е да се споменат и спортот и спортските активности. Општина Кривогаштани доби ново повеќенаменсо игралиште а се изгради и нова спортска сала. Доволно ли е ова за вашата општина? Имате ли конкретни идеи и планови за унапредување и наградување на спортот и спортските активности во вашата општина?

Во иднина планираме да вложуваме во афирмацијата на спортот во нашата општина со тоа што повеќе ќе се посветиме на младите од населените места Крушеани, Обршани, Боротино, Белацрква, Врбјани, Пашино Рувци, каде што ќе извршиме реконструкција на веќе постоечките спортски терени, а таму каде што нема ќе направиме нови. Исто така во населеното место Обршани планираме да се направи повеќе наменско спортско игралиште, изградба на кошаркарско игралиште во Бела Црква, планираме да го реконструираме младинскиот дом во населено место Врбјани. Активно ќе се поддржат локалните спортски клубови, редовно ќе се организира турнирот во мал фудбал и ќе се организираат турнири во кошарка и одбојка. Активно ќе бидат поддржани активностите на културно уметничките друштва во општината во кои членуваат голем број на младинци. И исто така планираме Општина Кривогаштани да ги поддржи спортските активности од државен и меѓународен карактер кои се одвиваат на дел од територијата на општината, како што се: меѓународен натпревар во змејарство и параглајдерство, ски ролер натпревар, велосипедски натпревари и сл. Планираме и ќе изградиме планинска велосипедска патека во должина од 2,5км на северозапад од Кривогаштани со вкупна планирана вредност на проектот од 600.000,00 денари.

Макпресс: Генерално, во Република Македонија граѓаните најмногу се жалат од општинските власти во поглед на техничките документации и стари, неажурирани урбанистички планови кои им создаваат проблеми при решавањето на имотно – правните прашања. Каква е ситуацијата во Вашата општина?

За да може општината да добие каков и да било проект неопходно е да има техничка документација и урбанистички план за населеното место, затоа посебно внимание општината изминатиов период посветуваше на изработка на урбанистички планови а напоредно со тоа и техничка документација за проектите за кои што аплициравме. Во наредниов период ќе се изработат: урбанистички план за село Славеј, за Кривогаштани по блокови.

Макпресс: Неминовно е како градоначалник да ве прашаме каква е моменталната ситуација со водоводната и канализационата мрежа во Кривогаштани и кои ќе бидат вашите приоритети за наредниот мандат?

Ќе ви набројам неколку проекти кои што ќе ни бидат клучни од оваа област, а тоа се: Изградба на канализациона мрежа во с. Бела Црква и Воѓани со вкупна вредност на проектот од : 47.000.000,00 денари. Изработка на техничка документација I изградба на канализациона мрежа во с. Пашино Рувци со решение за третманот на отпадните води. Изградба на канализациона мрежа во с. Обршани со решение за третманот на отпадните води. Доградба на канализациона мрежа во с. Славеј и Крушеани. Изградба на канализациона мрежа во с. Боротино, Врбјани.

Макпресс: Урбанизирањето на општините, односно реализирање на проекти во насока на изградба или адаптација на одреден простор во модерни и мултифункционални паркови стана главна карактеристика на „општинските татковци“. Покрај ова, во денешно време, паркинг местата се еден од поголемите проблеми на жителите на одредена општина. Имате ли конкретни решенија за овие локални проблеми?

Планираме уредување на централните подрачја во населените места Воѓани, Рувци, Крушеани и Обршани. Но исто така и во Кривогаштани планираме низа проекти како изградба на јавни паркинзи до фудбалското игралиште и наспроти црквата свети Димитрија, а изградба на јавен паркинг планираме и во населените места Обршани и Бошани во близина на тамошните фудбалски игралишта.

Макпресс: Патната инфраструктура, асфалтирањето на улици и поврзувањето со регионални патишта се од суштинско значење и за граѓаните и за развојот на економијата за секоја општина. Кои проекти ги реализиравте во изминативе два мандати и кои се вашите ветувања за наредниот мандат како градоначалник на Кривогаштани во оваа сфера?

Сакам најпрво да ги набројам регионалните и локалните патишта кои се во план да се реконструираат а тие се: регионален пат Р2335-делница Кривогаштани – Подвис, регионален пат Р1306-делница Кривогаштани-Крушево, локален пат с. Годивле -Р2335- во должина од 1км, локален пат Пашино Рувци-регионален пат Р2339 во должина од 1,1км, локален пат Подвис-Р23335 во должина од 0,5км, а се да се изгради локалениот пат Славеј(Индустриска зона)-Боротино во должина од 5км и локалниот пат Славеј-Заполжани во должина од 1км. А во самите населени места ќе продолжиме со изградба и реконструкција на улиците во Воѓани, Пашино Рувци, Крушеани, Врбјани, Годивле, а ќе ја асфалтираме улици во Боротино, Подвис, Обршани, Славеј а ќе изградиме и автобуска станица во Кривогаштани.

Макпресс: За рурална општина како што е Кривогаштани, од особено значење за жителите е развојот на земјоделието. Кои проекти ги реализиравте и кои бенефиции како општинска власт можете да им ги ветите на земјоделците?

Општината ќе продолжи со субвенционирање на земјоделците за користење на системи какпка по капка и пластеници. Ќе настојуваме да ги промовираме автохтоните производи на странските пазари, како и спроведување на континуирана поддршка на земјоделците за олеснување на пристапот до средства од ИПАРД програмата, преку организирање на трибини.

Макпресс: Во минатото, за жал, општина Кривогаштани никогаш не била ниту предмет ниту во фокус на јавноста кога се работи за археолошки истражувања. Во вашиот мандат, започна истражување на локалитетите„Локвенско Кале„ и „Врбјанска Чука„. Што значи тоа за локалната самоуправа и кои се придобивките од ваквите проекти?

На самите локалитети се откри дека овие простори биле населени и овде се развивало земјоделието уште од неолитот. Затоа ние планираме до двата локалитети да изградиме пристапни патишта и обележување. А исто така пристапен пат планираме да изградиме и до локалитетот Петочница кој се наоѓа западниот дел од Кривогаштани и има големо значење за населението од Кривогаштани.

Макпресс: Кон крајот на интервјуто, би споменале и дека Кривогаштани доби брза помош која во минатото ја немаше. Колку локалната самоуправа допринесе за приближување на здравствените услуги за жителите на Кривогаштани?

Да, за прв пат овозможивме служба на итната медицинска помош да биде на располагање за нашите жители а во идина планираме да воведеме 24 работење на брзата помош. Во соработка со Министерството за здравство се изврши и реновирање на здравствениот дом, а во истиот планираме и поставување на рендген апарат како и воведување на термин за посета на доктор специјалист по интерна медицина еднаш во неделата , се со цел олеснување и поголема достапност до здравствените услуги на моите сограѓани.

Макпресс: Градоначалник, ви благодариме за одвоеното време и за интервјуто. Во изминатите два мандати покажавте и докажавте дека знаете како да раководите со општината и да ги решавате секојдневните проблеми на граѓаните. Во пресрет на локалните избори која е вашата порака за жителите на Кривогаштани?

Сакам да додадам дека тука нема да застанеме зошто нашето мото е НАШАТА РАБОТА НОСИ ПОДОБРО и поради тоа заедно со Вас ќе продолжиме да ја развиваме нашата општина . Пред вас нудиме Конкретна програма, со конкретни проекти и рокови, и решавање на најважните потреби на граѓаните. Сепак сметам дека главниот показател за нашата работа која носи подобро се граѓаните, и тие се оние кои ќе препознаат напредок, успех и дела.

Б.Г.