На полноќ заврши изборната кампања за локалните избори што ќе се одржат утре и започна изборниот молк.
Денеска, ден пред изборите, своето право на глас можат да го остварат 1.882 лица во казнено-поправните домови и лица кои се во притвор, 9 внатрешно раселени лица, како и немоќните и болни кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.
Внатрешно раселените лица гласаат во колективните домови и прифатните центри каде што се сместени, болните и немоќниоте лица во нивните домови, а избирачките кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор гласаат во местото каде ја изцржуваат мерката куќен притвор. Гласањето започнува во 7 часот и трае до 19 часот.
Локалните избори ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и Градот Скопје. Право на глас имаат 1.814.644 избирачи.
Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври.
Ова се шести локални избори во Македонија. Првите се одржаа во 1990 година, следните во 1996, во 2000, во 2005, во 2009 и последните во 2013 година.