Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија информира дека в недела, канцеларијата на Комитетот ќе биде отворена во текот на целиот ден со цел да им овозможи на граѓаните да пријават повреда на избирачкото право за време на Локалните избори.
– Комитетот ги охрабрува сите граѓани кои сметаат дека нивното избирачко право е повредено да го пријават случајот во канцеларијата на Комитетот кој се наоѓа на ул. „Наум Наумовски Борче“ бр. 83 во Скопје. Доколку граѓаните не се во можност да дојдат до нашите простории, случаите на повреда на избирачкото право можат да го пријават и преку телефонски број 02-3119-073, наведуваат од Хелсиншкиот комитет.
Покрај личното и телефонското пријавување, се посочува, овозможена е и пријава преку е-пошта на helkom@mhc.org.mk. Пријавите преку е-пошта треба да содржат кратко образложение за настанатата повреда, локација (изборна единица и број на гласачко место) и време на настанување на повредата на избирачкото право.
Граѓаните, се додава, можат да ги поднесат пријавите наведувајќи ги своите лични податоци или анонимно, а сите пријави до Комитетот ќе бидат дополнително истражени со цел да се верификува нивната веродостојност.
Тајноста и неповредливоста на личните податоци се загарантирани од страна на Хелсиншкиот комитет и тие нема да бидат објавени без претходна дозвола од страна на граѓаните што ја пријавиле повредата, стои во соопштението од Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ.