Претседателот на БЕСА Билал Касами денеска изјави дека ќе иницира разговори со првиот човек на Алијанса за Албанците Зијадин Села за можна коалиција и соработка во вториот круг на локалните избори.

– Денес, исто така, ќе комуницирам со лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, да ги започнеме разговорите и да ги конкретизираме можностите за соработка, во сите оние општини каде што одиме во вториот круг за да го максимизираме резултатот, рече Касами одговарајќи на прашањето дали ќе има соработка меѓу БЕСА и Алијансата за Албанците за вториот круг од изборите.

Касами изјавата ја даде по средбата со албанскиот премиер Еди Рама, кој учествува на Самитот 100 во Скопје. Рама имаше средби и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, Села од Алијанса на Албанците, претседателот на ДПА Мендух Тачи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.