„Единстевниот концепт кој има иднина во Македонија е заедно, сплотени и здружени. Само така може Гостивар да оди напред, само така може и Македонија да оди напред. Доста ни е од делби и поделби во државата“. Со оваа порака Зоран Заев, лидерот на СДСМ вечерва го поздрави заедништвото во, како што рече, мултиетничниот Гостивар на градскиот плоштад.
Во неговото обраќање, Заев, директно ја побара поддршката на гостиварци за да гласаат за Невзат Бејта кандидатот на ДУИ во вториот круг.
– Јас сум дојден да побарам поддршка за Невзат Бејта, но и да дадам збор. Знам дека ако добие поддршка од централната власт тој ќе направи Гостивар да сјае. Барајќи поддршка за Невзат Бејта ви ветувам дека ќе ја имате поддршката на Зоран Заев, на владата и на мнозинството во парламентот. Стоиме целосно зад проектите во програмата на Бејта. Мораме заеднички да го градиме концептот едно општество за сите, рече Заев.
Напомена дека главните проекти, како решавањето на проблемот со депонијата, булеварското решение на „Браќа Ѓиноски“ и други покрупни инфраструктурни зафати ќе добијат директна поддршка од државата.
Лидерот на СДСМ се осврна и на кандидатурата на министерот за здравство и противкандидат на Невзат Бејта во вториот круг, Арбен Таравари од Алијансата за Албанците.
– Од другата страна имаме кандидат кој е министер во мојата влада. Знам и дека кандидатурата на Арбен, и на Бејта не му по ќеиф. Ајде да постигнеме договор во Гостивар и предлагам: секој да си ја гледа својата работа. Јас премиерската, докторот да го гледа здравството, а Невзат да си ја води општината. Општината не ја познава никој подобро од него, подвлече Заев.
Лидерот на СДСМ зборуваше и за политиките кои владата планира да ги спроведе и се однесуваат на младите, за кои како што рече ќе имаат зошто да останат во земјата со таканаречената „младинска гаранција“ за која се обезбедени 500 милиони денари до крајот на годината. Тој најави финансиска поддршка за отоврање на сопствен бизнис од 10 илјади евра, една годишна бруто плата за секоја фирма која ќе вработи млад човек.
Се осврна и на работата на владата во изминатиот период на полето на надворешната политика и нагласи дека со сите пет соседи се изградени пријателски односи и како што подвлече напревени се сојузи.
Од говорницата, се обрати и кандидатот за градоначалник од редовите на ДУИ Невзат Бејта.
– Ние како гостиварци ги поддржуваме реформите кои оваа влада и премиерот во интерес на нашата држава и општестовото. Ние направивме убав град, но за да биде поубав треба да реализраме уште проекти и затоа ни е потребна и поддршката на власта. Затоа, ние, гостиварци ја поддржуваме неговата визија за државата и Гостивар, рече Невзат Бејта.