Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска заедно со кандидатот за градоначалник од партијата, Илчо Захариев е во посета на неколку населени места во Штип, меѓу кои и населбата Баби. Тој на граѓаните им го честиташе денешниот празник.

-Видовме низ овој период дека СДСМ немаат ниту проекти, ниту некоја сериозна програма и токму затоа ни зборубаат за воздух, за ветер, за магла. Она што беше карактеристично во првиот круг е дека направија едни класични африкански избори, со втерување страв, со заплашување на луѓето, индивидуално човек на човек, праќајќи на многу луѓе заплашувања, уцени, застрашувања и еден масовен поткуп на многу места, истурија многу црни пари, кои веројатно некој ги дал, изјави Груевски.

Тој кажа дека некој што е многу помоќен може да обезбеди 20 милиони евра за камања, некој што чека од нив да им заврши нешто. Тој кажа дека сме виделе кандидат за градоначалник со скршен череп, искршени штабови и уште многу нерегуларности, а дека полицијата молчи и ги заштитува. Тој порача дека еден ден ќе има одговорност за ова што го прават ова.

-Крајната цел е да се сузбие секој слободомислечки Македонец во оваа држава, кој се грижи за својата држава, за својата земја, за својата татковина. Секој кој што го сака својот идентитет, своето име, кој ја сака едноставно својата држава и не му е сеедно што се случува во неа и со сите сили се обидуваат сакањето на државата да го направат демоде, да го направат нешто што не е модерно, нешто што не е во тренд. Нешто што е модерно да направат од типот конзумација на дрога, легализации на марихуана, на хомосексуални бракови, посвојување деца од хомосексуални бракови, на масовно користење на алкохол итн. Ненормалното сакаат да го направат нормално, нормалното да го направат ненормално, изјави Груевски.

Тој кажа дека тоа нема да им успее, бидејќи народот знае што е нормално. Порача дека еден ќе им дојде крајот и со страв ќе го гледаат народот во очи, како што сега владеат со него.

-Криминалците на слобода, а патриотите по затвори. Красниќи на слободна, а Едмонд Темелко, човек кој што е борец за човекови права на Македонците во Албанија, единствен градоначалник надвор од границите на Македонија, тој во затвор. Убијците на децата во Смилковското езеро ќе ги пуштаат на слобода, а дедото за кубење коса, четири години затвор, изјави Груевски.

Тој кажа дека немилите настани кои се случени на 27 април биле немили сцени кои не требало да ги има, но дека биле намерно испровоцирани. Тој кажа дека кога гледаат колку криминалци се ослободуваат од затвор, гледаме како се апсат овие луѓе и најави дека целосно ќе се застане позади нив.

-Сиромаштијата расте, државата ни е на колена, но не заборавија да го склучат штетниот договор со Бугарија. Се залетаа уште првата недела во Бугарија и се залетале уште тогаш да го потпишат договорот, но ги стопирале нивните ПР советници, им рекле немојте, ептен ќе биде препознатливо дека нема никакви преговори, бидејќи немаше време, па ајде рекле за 2 месеци ќе го потпишеме, да одглумиме дека имало некакви преговори. А што одглумија? Прифатија се, прифатија откажување од македонското малцинство во Бугарија, прифатија откажување од македонскиот јазик, прифатија македонската историја до 45-та година да се смета за бугарска, прифатија промена на учебниците по историја, во кои ќе пишува дека Илинденското востание не било македонско, туку било бугарско, во кои што ќе пишува дека првата пушка на 11-ти октомври против фашистите, крената од македонскиот народ, не била прва пушка против фашистите, туку била, туку била дел од идеолошкиот конфликт помеѓу левицата и десницата во Македонија, од помеѓу различните идеолошки страни помеѓу бугарското население во Македонија, изјави Груевски.

Тој кажа дека тоа е дел од големата слика за редефинирање на државата, меѓу кои е и промената на името. Груевски праша кај го има тоа соседите да ти ја пишуваат историјата. Тој порача дека владеат со страв за да не се види големата слика, дека нема хунта која победила народ, дека нема да бидат исплашени, дека заеднички ќе ги срушат.

-Сега пет месеци се на власт имаат и пратеник, тој сега се кандидира и за градоначалник, што направија за Штип? Па кратко било времето од пет месеци, а не беше кратко за Илчо Захариев триста работи да направи во овој период. Кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во 2006 година, неврабнотеноста беше околу 12.000 луѓе, сега е падната на активни околу 2.500 баратели на работа, тоа е ВМРО-ДПМНЕ, така се работи за народот, така се работи за луѓето, изјави Груевски.

Тој кажа дека со програмата на Захариев ќе се обезбеди здрав и бесплатен оброк, дека ќе бидат обезбедени можности за стекнување на сопствен дом.

-Нудиме концепт во кој нема да има неасфалтирана и неосветлена улица и во секое маало ќе има парк. За Штип, наша цел е подобрување на патната инфраструктура и затоа ќе продолжиме со изградба и реконструкција на локални патишта, изјави Груевски.

Тој кажа дека приградските населби ќе се поврзат со градската водоводна мрежа, дека ќе има уредување на коритото на реката Брегалница со урбани содржини, санација на средното училиште Коле Нехтенин, санација и доградба на основни училишта. Тој вети и секундарна гасификација на Штип, т.е. разгранување на гасот, кој сега е донесен до Штип. Тој најави дека ќе се направи се во Штип да се донесат нови инвеститори, кои ќе отворат нови работни места, како за Штип, така и за другите општини во околината.