Претседателот на Општинската изборна комисија од Неготино Нетка Веселиновска денеска им ги врачи уверенијата на новоизбраниот градоначалник Тони Делков од редовите на СДСМ и коалицијата и на советниците во Советот на општината.

Диме Витанов како носител на листа за советници од СДСМ и коалициските партнери го честиташе изборот на Тони Делков за градоначалник на општина Неготино и изборот на советници во Советот на општината. Се заблагодари на Општинската комисија за спроведување на изборната постапка во фер и демократска атмосефера.

– Благодариме на сите граѓани за укажаната доверба, единствено што можеме денес да порачаме е дека ќе направиме напори Неготино да биде општина со која што сите ќе се гордееме, нагласи Делков.

Љупчо Пасинечки, советник од ВМРО-ДПННЕ, исто така го честиташе изборот на советници и Делков за градоначалник.

– Се надевам дека во наредниот четиригодишен период ќе го направиме Неготино подобро место за живеење на сите граѓани на општината, рече тој.

Честитајќи го изборот, претседателката на Општинска изборна комисија Нетка Веселинова им посака успешна работа во наредните четири години.

Благодарност до граѓаните на општина Неготино за одржаните фер и демократски избори, а на општинската изборна комисија за професионално извршената работа, упати градоначалникот Делков. На советниците им посака успех во работата.

– Да се потрудиме сите заеднички да направиме една подобра и поуспешна општина, додаде тој.