Досегашниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски оствари неформална средба со новиот градоначалник, Николчо Илијев, кандидат на СДСМ и коалицијата, кој победи уште во првиот круг на локалните избори.
За утре во салата на Советот на општина Кочани, Општинската изборна комисија ќе ги врачи уверенијата на новиот градоначалник и на членовите на Советот на Општина Кочани за мандатот во наредните четири години.
Во кабинетот на градоначалникот, Димитровски и Илијев разговараа за актуелните состојби во Општината.
Во присуство на медиумите, на новиот градоначалник Николчо Илијев му беа претставени раководителите на одделенијата и секторите, со чија соработка Димитровски ја раководеше општината во изминативе два мандата.
На средбата Илијев истакна дека ја почитува тимска работа, соработка, разговарање и договарање.
– Нема да биде едноставно, затоа што очекувањата на граѓаните се големи, но и проблемите што постојат се големи. Пред нас се многу ангажмани, работи на кои заеднички треба да одговориме. Тешко и невозможно е да се реши се, но мора да го дадеме максимумот. Да имаме верба и доверба, да градиме добра општина, Кочани да биде пристојно место за живеење, рече Илијев.