Општинската изборна комисија во Делчево денеска им ги врачи уверенијата на новиот градоначалник Горан Трајковски и на новите членови на Советот на општината.
Претседател на ОИК Делчево, Владимир Петревски им го честиташе изборот на советниците и на градоначалникот Трајковски и потенцираше дека изборите во Делчево биле фер и демократски.
– Изборите во Делчево беа фер и демократски со мали технички проблеми кои ние како ОИК успеавме навреме да ги отстраниме, рече Петревски и им посака успешна работа.
За градоначалникот Трајковски, четиригодишниот мандат е предизвик да се направи Делчево поубаво место за живеење, без поделби на граѓаните и со конструктивен општински Совет.
– Очекувам конструктивна соработка со новиот совет и да се вложиме сите заедно, нашите капацитети и интелегенција да ја оправдаме големата доверба од граѓаните, да ги реализираме проектите дадени во нашата изборна програма со цел Делчево да го направиме поубаво место за живеење и да ја изградиме општината во вистински сервис на граѓаните, рече Трајковски.
По осум години делчевските социјалдемократи го имаат мнозинството на Советот, односно осум советници за СДСМ и коалицијата и седум за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Примопредавањето на функцијата меѓу поранешниот градоначалник Дарко Шехански и новиот градоначалник Горан Трајковски е најавено за утре.