Примопредавање на градоначалничката функција се реализираше денеска во Неготино, помеѓу новиот градоначалник Тони Делков и поранешниот, Ванчо Апостолов.

– За мене лично оваа функција значи обврска, а не привилегија. Обврска спрема граѓаните што ја дадовме на последните локални избори преку нашата програма, да ги оствариме сите проекти и сите оние барања што беа наша да кажам предизборна реторика или обраќање до граѓаните од кои ја добивме поддршката, рече Делков.

Тој упати благодарност до граѓаните на општина Неготино за укажената доверба.

– Ќе направиме се јас лично како градоначалник заедно со општинската администрација да го вратиме сјајот на општина Неготино. Да направиме се луѓето во општината да гледаат како Неготино се движи напред. Му благодарам и на претходниот градоначалник, имавме конструктивен разговор. Укажавме на некои работи тековни што се во моментот во локалната самоуправа, нагласи Делков.

Упати порака до граѓаните на општина Неготино, да веруваат дека секој даден збор што е кажан во оваа кампања ќе биде реализиран.

Апостолов му го честита изборот на новиот градоначалник и му посака многу успех.

– Исто така би сакал да се заблагодарам на општинската администрација што ме поддржуваше како градоначалник, на Советот на општина кој функционираше и на сите граѓани на општина Неготино бидејќи заедно работевме. Би сакал и знам дека новиот градоначалник ќе продолжи со многу капитални проекти кои се веќе започнати од страна на општината и истите ќе бидат реализирани и ќе биде најверојатно реализирана и програмата која е ветена од градоначалникот, додаде Апостолов.