Членовите на Општинската изборна комисија денеска им ги врачија уверенијата на новите членови на Советот на општина Куманово, вкупно 33. Во општинскиот совет на Куманово, Коалиција предводена од СДСМ влегува со 16 члена, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со 11, ДУИ со тројца, Движење БЕСА со двајца и еден советник е од Алијанса за Албанците.

На свеченоста, претседателот на ОИК Куманово Звонимир Николовски на новоизбрните советници им посака успешна работа. Градоначалникот Максим Димитриевски им го честитаа изборот на советниците и рече дека е отворен за соработка со сите советници за нивните идеи, проекти и размислувања.

– Стојам на располагање на сите вас без разлика кој од која политичка партија доаѓа, јас сум градоначалник избран од страна на граѓаните и сакам да ги претставувам сите граѓани на Куманово, а ќе се обидам во следниот период да ја добијам и довербата на граѓаните кои што не ми ја дадоа поддршката на овие избори. Ќе ги претставувам ставовите и мислењата на сите, воедно апелирам до сите вас дека сум отворен за сите ваши предлози, проекти и идеи, а исто така и на кандидатите за градоначалници кои што беа мои противкандидати на овие избори, изјави Димитриевски.

Носителите на листите на партиите и коалиците кои влегоа во Советот, ветија дека ќе се залагаат за исполнување на потребите на кумановци.

Атина Мургашанска, носител на листа на Коалицијата предводена од СДСМ, изјави дека ќе работат во интерес на граѓаните, и дека Советот е вистинско место за креирање на граѓански политики. Носителот на листата од Коалицијата „За подобра Македонија“ Драган Петковски, истакна дека ќе се залага за остварување на проектите ветени кон граѓаните, како и дека ќе бидат коректор на работата на локалната власт. И останатите носители на листи од ДУИ, Фатмир Идризи, Наиље Османи од БЕСА и Осама Муадини од Алијанса за Албанците ветија исполнување на проектите, со цел подобар развој на Куманово.