Република Македонија во текот на вчерашниот ден ги имаше најнерегуларните и најнедемократските избори во историјата на независна Македонија. Никогаш последниве 27 години немало понасилни избори и немало избори со повеќе поткуп, насилство и нерегуларности. Забележани се и документирани огромен број на нерегуларности, индиции за поткуп, закани и уцени вклучувајќи уцени и од полициски службеници. Уште од рано изутрина беше прекршен изборниот молк, а постојат и сериозни сомневања дека е извршено полнење на кутиите со методот на т.н. бугарски воз во повеќе општини низ државата.

ВМРО-ДПМНЕ до меѓународните претставници до ОБСЕ и ОДИХР достави видео и фото материјали за голем број од забележаните изборни нерегуларности поточно станува збор за изборни криминали.

Медиумите вчера објавија снимка од која што експлицитно се гледа како активист од СДС од Штип дава поткуп на граѓанин, а денес ќе пуштиме инсерт од таа снимка како граѓаните ќе можат да видат како активисти на СДС на сред бел ден вршат поткуп.

По оваа снимка МВР и државните институции на СДС не реагираа и го премолчеа очигледниот поткуп.

Целата полиција, почитувани присутни, беше ставена на располагање на СДС, полициски припадници блиски до СДС физички им се закануваа на граѓаните за кои знаат дека не се гласачи на СДС им забрануваа да излегуваат од својот дом. На луѓето им беше забранувано во 2017-та година да излезат од дома.

Од општина Бутел имаме видео снимка како припадник на полицијата се заканува на граѓанин во неговиот двор, дома со закана дека не смее да излезе.

Дома сакаат да ги тепаат луѓето, дома. На куќен двор, припадник на МВР се заканува на човек што има 60,65,70 години и му вика не искачај од дома. Што му фали на припадникот на МВР ништо. Кога тој се однесува вака, почитувани присутни, во сред Скопје пред камера, можете да замислите што се случува по помалите градови, што се случува по помалите улици, што се случува во селата и по населбите каде што нема камера. Дома им се закануваат на луѓето дека ќе ги тепаат, здрав прав човек од 35,40 години се заканува на човек што има 60,65,70 години дека дома ќе го тепа и него и син му. Што му фали, ништо, последици никакви.

Почитувани присутни, вака функционираше МВР насекаде низ државата, вака полициски службеници им се закануваа на граѓаните со цел да не излезат да гласаат. И оваа појава беше масовна низ цела Македонија.

Во Визбегово, во истата општина Бутел со фотографија е документирано делењето на зејтин, шеќер и други материјали до граѓаните од страна на локален лидер на СДС за време на изборниот молк и изборниот ден. Значи зборуваме за носење на товари материјали зејтин, шеќер и други материјали од страна на локален лидер на СДС документирано со фотографија и никому ништо. Пријавено реакција нема.

Почитувани присутни, вчера видовме и што значи за вработените во државната и јавната администрација кога СДС е на власт, во аудио снимка објавена во медиумите слушнавме како таткото на кандидатот за градоначалник на СДС се заканува дека во еден ден можат да бидат отпуштени над 1.100 луѓе од Драчево од работа само ако не гласаат за СДС.

Слушнете ја почитувани оваа снимка, која е доказ за тоа каков притисок бил вршен и е вршен врз јавната администрација со цел истите да не гласаат по сопствено убедување, туку за кандидатите на СДС. Знаете за што зборуваме тука, за 1.100 луѓе, зборуваме за отпуштање на 1.100 луѓе од Драчево. За 1.100 луѓе од Драчево и нивно отпуштање како и во транзицијата.

Почитувани присутни, во текот на целиот вчерашен ден беше вршен систематски психолошки притисок врз граѓаните со цел втерување на страв за да не излезат и да не гласаат. На само три часа пред затворањето на гласачките места беа искршени над 40 надгробни плочи на православните гробишта во село Брњарци, општина Гази Баба. Уште еднаш над 40 надгробни плочи на православните гробишта во село Брњарци, општина Гази Баба. Сликите се загрижувачки и многу зборуваат за оваа власт.

Забележан е и спречен обид за бугарски воз во Чаир, а информации за извршен бугарски воз имаме од повеќе места. Полициските припадници рамо до рамо со партиските активисти на СДС вршеа притисок и во Македонска Каменица, во Новаци, во Могила, во Кавадарци, во Штип и во сите општини каде имаше втор круг. Во Могила и Новаци, почитувани присутни, им беше кажувано на луѓе на кои што се мислеше дека нема да гласаат за СДС, не излегувајте на гласање, од понеделник не доаѓајте на работа. Ако било кој од вашето семејство излезе на гласање не доаѓајте во понеделник на работа. Тоа им беше кажувано на луѓе вработени во „Река“. Могила и Новаци, општини во кои што секогаш победувало ВМРО-ДПМНЕ, општини во кои што водеше ВМРО-ДПМНЕ.

Ова се само мал дел од нерегуларностите и изборниот криминал кој беше извршен во текот на вчерашниот ден, сите овие информации беа и се проследени и до меѓународните набљудувачи - ОБСЕ и ОДИХР, за сите овие нерегуларности МВР и државните институции молчат и не реагираат, затоа што се под целосна контрола на СДС и се извршители на изборниот криминал.

Демократијата и правната држава вчера беа погребани во Република Македонија, СДС покажа дека нема намера да спроведува фер и демократски избори и дека сака целосна контрола врз институциите за целосен и тотален притисок врз граѓаните. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ излезе и излегува со 7 барања кои сметаме дека се неопходен предуслов за враќање на демократијата и владеењето на правата во државата.

Организирање на предвремени парламентарни избори согласно Пржинскиот модел кои ќе бидат спроведени од техничка Влада, на ист начин како што беа организирани парламентарните избори на 11-ти декември 2016 година. Итна смена на директорот на Агенцијата за аудиовизуелни и медиумски услуги, и избор на директор на оваа значајна институција по предлог на опозицијата.

Оставка и разрешување на претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, враќање на старото законско решение во време на влада на ВМРО-ДПМНЕ кога претседателот на ДИК беше од редовите на СДС, од редовите на опозицијата. Сега истото решение за кое што ВМРО-ДПМНЕ имаше демократски капацитет нека го спроведе и оваа влада што носи „демократија, живот и слобода“. Нека го дадат истото она што беше пред 5 години. Бидејќи под плаштот на т.н. независен експерт всушност инсталираше личност која што не работеше правично и чесно туку по инструкции на друг.

Итна истрага и вештачење со учество на ВМРО-ДПМНЕ на уредите за прислушкување на УБК, заради основано сомнение дека полицијата врши прислушкување на најмалку 100 лица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Итно и без пролонгирање завршување на судењето за случајот „Поткуп“, во кој Заев на очиглед на целата јавност бара мито во висина од 200 илјади евра.

Основање на специјално јавно обвинителство кое ќе има ингеренции за расчистување со изборните нерегуларности од изборите во 2016-та година и изборите во 2017-та година, како и на злоупотребата на целокупниот државен апарат во изборни цели за овие избори.

Ослободување на лицата кои се во притвор и прекинување на процесите против граѓаните за случувањата на 27-ми април 2017 година.

Демократијата ќе се врати, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, ВМРО е константа која трае 124 години и во добро и во лошо, ќе победи Република Македонија. Тогаш овие прекршители на законите, сите оние кои што им се закануваа и ги заплашуваа граѓаните дека ќе ги тепаат во нивните дворови, во нивните домови ќе одговараат согласно законите.